За нас

Еколошкото друштво Грашница, Охрид е невладина, непрофитна организација со мисија: придонес кон одржливиот развој на регионот Охрид, Охридско Езеро и Југозападна Македонија преку заштита и зачувување на животната средина, промовирање на природното наследство, а истовремено го поттикнуваме активизмот на граѓаните и меѓусекторската соработка. Еколошкото друштво „Грашница“ е едно од пионерите на еколошкото движење во нашата држава. Својата официјална регистрација ја бележи на 14.04. 1991 г. и е меѓу првите регистрирани граѓански организации во државава.
Ние иницираме и развиваме соработка со локални, национални и меѓународни организации и институции (општински самоуправи, агенции, институти, национални паркови), придонесуваме кон одржлив развој на заедницата, поседуваме транспарентност во работата, користејќи ги притоа локалните и националните медиуми за редовно покривање на нашите активности. Визија, т.е. крајна цел ни се задоволни граѓани како дел од активната заедница кои управуваат со сопствените ресурси почитувајќи ги начелата на одржливиот развој. Нашето дејствување вклучува различни активности како: лобирање, организирање кампањи, тркалезни маси и јавни собири за проблеми од животната средина претежно за регионот на Охридското Езеро, директни акции, протести, тренинг курсеви, работилници и др. Клучни теми на кои работиме се: 1. влијание на земјоделството и климатските промени врз сливното подрачје на Охридското Езеро и негова заштита; 2. зачувување и заштита на биодиверзитетот од Охридското Езеро и поширокиот регион.

Мисија
• Да стопираме неповратно уништување на животната средина и осиромашување на природните ресурси до највисок можен степен, со фокус на охридскиот регион, да ја поткрепиме еколошката и културната разновидност и осигураме одржливи приходи за локалните заедници
• Да ги поттикнеме локалните жители и обезбедиме поголемо учество на јавноста во донесување одлуки
• Да се ангажираме во енергични кампањи, подигнување на јавната свест, мобилизирање на луѓе и градење партнерства со ралични здруженија и групи, вклучување во национални и глобални движења
• Да ги инспирираме другите, зајакнеме и меѓусебно надополниме капацитетите и одржуваме принципот на солидарност со другите еколошки организации


Структура
Со друштвото раководи претседател, а потпретседателот извршува блиски функции со претседателот. Управен одбор е извршен орган на организацијата кој е задолжен да ги спроведува активностите во склад со програмата за работа и финансискиот план. Управниот одбор брои 9 члена со мандат од 1 година. Надзорен одбор – негова улога е е вршење контрола на тековното и финансиското работење на ЕД „Грашница“. Го сочинуваат 2 члена со мандат од 2 години.
Претседател Борис Стојаноски
Потпретседател Ѓоко Зороски

Вмрежување и мултисекторска соработка
ЕД 'Грашница" ги зајакнува своите партнерски односи со тоа што е соосновач и член на бројни групи и коалиции како: Заедно за Натура 2000 (Македонија), Форум на Југоисточна Европа за одговор на климатски промени (Балкан)., Мрежа за креирање на политики за поддршка на земјоделство со високи природни вредности (Македонија) и др.